Министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција ги потврди информациите дека во кумановската болница има 11 случаи позитивни на коронавирусот, а информира и за едно лице кое работи како медицински техничар во Инфективната клиника во Скопје.
„Има потврдени случаи во кумановската болница, како и на Инфективната клиника. Во Куманово имаме 11 потврдени случаи позитивни на коронавирусот. Оваа бројка го загрозува функционирањето на Инфективното одделение, поради тоа двајца доктори од Скопје и Штип ќе ја оддржуваат работата.
Во овој момент, бидејќи има заболени и на одделението за рентген, но и општи лекари се уште траат епидемиолошките анкети, а врз основа на тоа ќе се реорганизира работата во болницата“, рече Филипче.
Тој потврди и дека има два нови смртни случаја на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и вкупно 46 нови случаи на заболени од коронавирус во изминатото деноноќие.
И двајцата починати имале сериозни здравствени проблеми. Филипче рече дека тројца пациенти се испишани и одат на домашно лекување.