Како SARS-CoV-2 предизвикува COVID-19 и кои се можните начини на лекување?

admin22

Прецизно и стручно од областа на хемијата Дамјан Павлов на социјалната мрежа фејзбук го објасни целиот процес на коронавирусот, ви го пренесуваме неговиот статус во целост:

Се сретнавме и се запознавме со нов жител на нашата планета. Потекнува од позната, но не и угледна фамилија. Станува збор за најновиот член на фамилијата вируси Coronaviridae. Неговото име претрпи неколку кумства, но официјалното име гласи: SARS-CoV-2.

Најновиот член, SARS-CoV-2, има постари роднини од коишто некои се повоспитани (предизвикуваат обична настинка), додека други се исклучително погани (SARS, MERS). Како најмлад член на фамилијата, сакајќи да добие углед, успеа да предизвика болест – COVID-19 (Coronavirus disease 2019) причинувајќи пандемија.

Целта на овој текст ми е да ставам акцент и да ги објаснам на наједноставен начин: начинот на зафаќање на нашите клетки и потенцијалните лекови коишто можат да произлезат благодарение на познавањето на клеточните механизми коишто ги користи овој вирус.

Пред да започнам, само накусо и наједноставно би сакал да посочам на два поима: вирион и вирус. Вирион претставува комплетна, инфективна форма на вирусот и се наоѓа надвор од клетката, додека вирусот се наоѓа внатре во клетката. Но, за поедноставно разбирање и немешање на поими ќе го користам поимот вирус.

Loading...

За човек да може да влезе во својата куќа, потребен му е клуч како би ја отклучил бравата. Истото се однесува и за вирусот. За вирусот да може да навлезе во нашите клетки потребен му е клуч. Клучот (лигандот) на овој вирус е неговиот протеин налик шилец (spike protein, S-protein), а бравата на нашата клетка е ACE-2 (Angiotensin-converting enzyme 2) рецептор. Бидејќи клучот на вирусот не е веднаш способен да ја отклучи вратата, потребно му е активирање („подмачкување“) со помош на TMRPSS2 (Transmembrane protease, Serine 2) и потоа врзување на S-protein со ACE-2 рецепторот. Овој ACE-2 рецептор најмногу го има во клетките на нашите бели дробови (пневмоцити тип 2), но се наоѓа и во цревата, срцето и бубрезите. Напаѓајќи ги овие пневмоцити тип 2 (клетки коишто произведуваат сурфактант – ни обезбедуваат нашите алвеоли да бидат широко отворени и да можат да вршат размена на гасови со крвните садови) доведува до болеста COVID-19. Еве прва линија на којашто можеме со лек да делуваме – да го инхибираме TMRPSS2 и така не ќе може рѓосаниот клуч да влезе и да ја отклучи вратата, да го блокираме рецепторот или да го уништиме клучот односно S-протеинот.

Откако лигандот ќе се активира и ќе се прикачи на рецепторот, тогаш доаѓа до навлегување на вирусот во нашата клетка. Откако вирусот ќе навлезе во нашата клетка тој треба да се раскомоти, да ја соблече својата наметка (липидна обвивка). Ова се случува со помош на еден протеин којшто се наоѓа во нашите клетки, а тој се вика furin (фурин). Фуринот можеме да го замислиме како слуга. Токму фуринот е одговорен за активирање на вирусот внатре во клетката така што му ја трга обвивката (ја менува првобитната форма на вирусот). Истиот овој фурин активира и други обвиткани вируси, причинители на: СИДА, грип, денга, ебола и марбург вирусна болест. Еве втора линија на одбрана на којашто можеме да делуваме – да го инхибираме дејството на фуринот и на тој начин да не му овозможиме дозвола на вирусот да се шета и ровари во нашите клетки.

loading...

Откако ќе се разголи вирусот, доаѓа до ослободување на својот генетски материјал којшто претставува +ssRNA (позитивна едноланечна рибонуклеинска киселина). Во превод, ова значи дека имаме гласничка РНК (mRNA) којашто директно може да биде преведена во протеин (во нов вирус). Ова претставува третата линија на којашто можеме да делуваме. Доколку се потсетиме, погоре напишав дека неколку вируси делат ист пат на активација – што значи дека е возможно веќе некои постоечки лекови коишто се користа за лекување на СИДА (lopinavir/ritonavir, durunavir/cobicistat, emtricitabine итн.) или ебола да најдат примена и кај SARS-CoV-2. Најпознат, најактуелен и лек којшто највеќе ветува е remdesivir. Remdesivir е познат антивирален лек којшто спаѓа во класата на нуклеозидни аналози користен за лекување ебола и марбург вирусна болест. Нуклеозид претставува соединение од пуринска или пиримидинска база и шеќер. Кога на нуклеозидот ќе му се додадте фосфатна група добиваме нуклеотид, а кога повеќе нуклеотиди ќе ги споиме добиваме нуклеинска киселина (ДНК, РНК). Remdesivir всушност претставува аналог на аденозинот (пуринска база) и како мамка се вметнува во клеточната машинерија додека таа произведува нови вирусни честички. Вметнувајќи се во машинеријата, тој предизвикува прекин на создавањето на нови вирусни честички, бидејќи ја збунува РНК полимеразата (машината).

Доколку вирусот непречено успее да се намножува и освои сѐ повеќе клетки (пневмоцити тип 2) доаѓа до дифузно ширење на вирусот во целото белодробие. Нашето тело не располага со ниеден од претходно споменатите лекови, но поседува имун систем. Секој непознат агенс којшто се обидува да навлезе во нашите клетки побудува воспалителен одговор. Токму воспалителниот одговор ни е првиот лек откако вирусот навлегол во нашите клетки. Воспаление се одликува со: црвенило, оток, покачена температура, болка и губење на функција. Токму овие промени претставуваат симптоми на еден пациент со SARS-CoV-2 инфекција: треска и висока температура, тешка кашлица и отежнато дишење. Доколку сакаме симптоматски да делуваме на овие симптоми на памет ни паѓаат аналгетици, антипиретици и анти-инфламаторни лекови, така? Никако не смееме да користиме анти-инфламаторни лекови. Зошто? Едноставно – затоа што поништувајќи го нашиот имун одговор (којшто предизвикува воспаление како реактивен одговор и борба против вирусот) му го олеснуваме ширењето на вирусот. Што тогаш може да се користи? Може да се користи парацетамол којшто има антипиретско (намалува телесна температура) и аналгетско (намалува болки), но нема анти-инфламаторно дејство. Наспроти овој лек, ги имаме ибупрофенот (и сите останати NSAID – нестероидни анти-инфламаторни лекови) и кортикостероидите. Овие лекови ни го поништуваат имуниот одговор и наместо да ни помогнат, истите ни одмагаат и ни ја влошуваат состојбата.

Во случај ништо да не успее да го спречи патот на овој подол вирус – доаѓа до слабост на белодробието односно респираторен дистрес синдром. Доаѓа до неурамнотеженеост помеѓу провоспалителните и антивоспалителните медијатори, губиток на сурфактантот, бидејќи ни се оштетени пневмоцитите тип 2 и причинува ателектаза (колабирање на белодробните крила). Ова доведува до хипоксемија (намален парцијален притисок на кислород во крвта), хиперкапнеа (зголемен парцијален притисок на јаглероден диоксид во крвта) и ацидоза (pH под 7.35). Овие 3 фактори ги дразнат периферните и централните хеморецептори (одговорни за одржување соодветни концентрации на кислород и јаглероден диоксид во крвта) и иницираат зголемено вдишување, но проблемот е што ние веќе немаме здраво белодробно ткиво и ова не воведува во еден ѓаволски круг од којшто тешко можеме да се спасиме.

Но, основно што треба да имаме на ум е фактот дека овој вирус не е семоќен. Имајќи липидна обвивка го чини подложен на уништување доколку користиме алкохолни средства за одржување на хигиената на површината на нашите раце или предметите со кои сме во непосреден контакт.

Освен тоа, седејќи дома на еден начин причинуваме стивнување на пандемијата, бидејќи го прекинуваме ланецот на ширење на овој вирус помеѓу луѓето.

Се надевам дека со овој текст успеав да Ви укажам на патогенезата на COVID-19, преку следење на патот на SARS-CoV-2. Веќе постојат првични лекови (remdesivir), моноклонални антитела и потенцијална вакцина коишто можат да не’ спасат од овој вирус. Имам надеж во научната фела дека набрзо ќе дојдат до дефинитивно решение, а подоцна и до вакцина којашто ќе ги штити следните генерации од SARS-CoV-2 како што тоа е веќе постигнато за многу други микроорганизми (вируси, бактерии, фунги, протозои, хелминти).

loading...
Loading...
Next Post

Кина ќе ни помогне со 200 нови респираторни машини-пријателите во лошо се познаваат

Македонија со се приватно и јавно здравство располага со околу 200 респираторни машини во тек на недела дена ке пристигнат уште 100тина и плус Кина ќе донира 200 значи се на се Македонија ќе располага со 500 респираторни машини, истакна министерот за здравство Венко Филипче во емисијата Утрински брифинг. Ситуацијата […]