Се простивме со Гоце, стиховите на неговата омилена песна ,,Спомени” ни одѕвонуваат во мислите

admin3
loading...

Секој треба да си ја изоди до крај патеката на животот, секој треба да си се даде себеси до крај на најмилите и најважните, секој треба да има доволно време за да создава, дарува и љуби додека во него постои и последниот атом на сила и енергија, секој треба ама…

Вчера не напушти уште еден член од нашето големо музичко и инструментално семејство, Гоце Талевски…еден од основачите на групата “Оскар” од Битола, еден од оние кој го владееше инструментот што ја дава душата на песната и ритамот на радоста.

Во неговата животна борба несебично се приклучија сите негови колеги од групата, пријатели и познаници кои беа водени од мислата да се спаси еден млад живот кој не треба прерано да згасне. Но за жал, многу нешта не зависат од самите нас.

Цел град се крена на нозе, нашата Битола со денови собираше средства за лекувањето на Гоце. Се вклучија луѓе од дијаспората, сите бевме водени од желбата тој да се спаси и што побргу да се врати кај своето семејство.

За жал, болеста беше посилна од нашата верба дека се ќе биде добро – за ,,Фокус” раскажува музичарот Горан Проја Димовски, по повод смр-тта на неговиот колега, основачот на групата Оскар и тапанар, Гоце Талевски.

Талевски беше погр-ебан вчера во Битола, откако ја изгуби битката со корона вирусот на 41 година. Зад себе ја остави сопругата, синот и ќерката. Ги остави и колегите од групата која функционираше повеќе од две децении, а за која неговите блиски велат дека покрај семејството, му била се во животот.

-Тој живееше само од музиката и за музиката. На сите во групата ни беше пример за тоа како се сака семејството, беше многу посветен и грижлив татко и сопруг. На неговите социјални профили, доволен е еден поглед, ќе ги видите сите тие фотографии со синот и ќерката, со сопругата, зрачи таа негова љубов и гордост со која си ја гледаше фамилијата.

Ќеркичката пред три дена наполни пет години, синот сега ќе биде средношколец и како и Гоце, има огромна пасија кон тапаните. Сите желби, сите планови се прекинаа за миг – емотивно раскажува Димовски.

Појаснува дека Гоце се инфицирал со вирусот на почетокот на април. Првин се лекувал дома, но кога состојбата му се влошила, бил хоспитализиран во битолската болница. Набргу потоа, поради сериозноста, семејството го префрлило во приватна клиника во Скопје.

За неговото лекување се собираа средства од хуманите граѓани и на повеќе локации низ градот беа поставени кутии за донации. Се вклучија и нашинци од странство, апелот се споделуваше на социјалните мрежи.

-Цели 20 дена Гоце помина на приватна клиника. Помисливме дека се ќе биде добро, дека за некој ден ќе си дојде дома. Според информациите кои ги имаме, срцето му откажало… Претежок е овој период за сите нас, тој беше столбот на групата, секогаш насмеан, грижлив, одличен во својата професија, извонреден тапанар.

Зад себе имаме над 300 кавери, еден албум, во процес е и вториот албум, но работите запреа поради пандемијата. Ќе биде и тој издаден, на него има две песни од Гоце. Музиката ни останува, додека трае песната и групата, тој секогаш ќе биде дел од Оскар – вели Димовски.

Додава дека омилената песна на Гоце била ,,Спомени” од битолската група Икс Бенд. Во една музичка ТВ емисија, тој ја отпеал во живо, а стиховите на песната на некој начин го отсликале неговиот живот.

-Еден живот, една младост, верни другари, кога се ќе мине, само стари спомени, една љубов, една желба неисполнета, но ништо назад пак не се враќа.

По долго време очи свои тешко отворам, влажни се, но никој тоа не го засега, на патот гледам веќе време е да заминам, таму кај што припаѓам – се стиховите од неговата најсакана песна, кои деновиве ни одѕвонуваат на сите во мислите. Нема битолчанец кој не го слушнал неговиот глас, иако беше тапанар во групата, прекрасно пееше. Бевме како едно семејство, сложни, тежок период е ова за сите нас- раскажа Димовски.

Пријатели, колеги, сограѓани и слушатели на Гоце, се простија со него на социјалните мрежи. Тие кои лично го познавале, го спомнуваат како скромен и весел човек, кој го посветил целиот живот на музиката.

Извор: Фокус

Loading...
Next Post

Познатиот Битолски бизнисмен Игор Божиновски бара работници за салоните во Скопје - еве што треба да се направи

Игор Божиновски од Битола, сопственикот на продавниците за часовници „Божиновски“, важи за еден од најпознатите бизнисмени во нашата држава.. Но освен деловните способности, оние кои работат кај него, или соработуваат со неговата компанија, зборуваат и за високоморалната човечка димензија на Игор Божиновски. Тој денес на својот профил на социјалните мрежи, […]